Ваши прашања, а наши одговори во однос на претходниот пост за волонтерството во Македонија.
Кои се моите права како волонтер?
- Надомест на однапред договорени трошоци поврзани со волонтерство (трошоци за храна, превоз од и до место на волонтерство, трошоци за службени патувања како и за обука на волонтери);
- Заштита на приватност и лични податоци;
- Да бидете констултирани и информирани при одлучување на начинот на давање на услугите;
- Да бидете запознаени со општите акти на организаторот на услугите односно оние делови кои се однесуваат на волонтерски услуги за кои сте ангажирани;
- На дневен одмор;
- Во писмена форма да го добиеш описот на правата и обврски кои треба да ги исполниш и да бидеш запознаен/а со услови и опасности поврзани за време на волонтирање пред започнување на волонтирањето;
- Да се користат средства за заштита при работа согласно со законот за заштита при работа;
- На обука доколку истата е потребна за обезбедување на услуга која е предмет на договорот.
Дали имам обврски како волонтер? Да – Имаш должност да:
- го известиш организаторот на волонтерство за болест или некоја друга причина за неможност на давање на услугите;
- Даваш услуга согласно со законот односно договорот за волонтерство и општите акти на организаторот на волонтерство со кои претходно си запознаен/а;
- Даваш услуга лично и непосредно;
- Учествуваш во обука со цел да се обезбеди квалитетот на давање на услугата;
- Ги чуваш доверливите податоци односно класифицираните информации на организаторот на волонтерската работа со кои си запознаен/а пред давање на услуга;
- Да го известиш организаторот на волонтерска работа за штетни последици за кои и запознаен/а кои можат да настанат за организаторот и за самиот себе или пак за некое трето лице.
Дали треба да потпишам договор како волонтер?
- Доколку волонтираш повеќе од 40 часа месечно потребно е да потпишеш договор. Во спротивно немаш обврска да го сториш тоа. Договорот може да го склучат и лица кои волонтираат и помалку од 40 часа месечно, но тоа не е задолжително;
- За малолетни волонтери потребна е писмена согласност од родителите/старатели како би бил во можност да потпише договор;
- Без разлика дали имаш склучено договор ти ги имаш истите права и обврски.
Како можам да докажам дека сум волонтирал/а?
Доказ за твојот волонтерски ангажман е волонтерската книшка. Таа може да ја извади секој волонтер од Министерството за труд и социјална политика (подрачните единици), со приложување на документ за идентификација и договор за волонтирање. Обврска на одговорните за волонтерскиот ангажман е редовно да ви го заведуваат ангажманот. Книшката можете да ја користите секаде каде што ќе волонтирате.
Дали треба да добијам надоместок за волонтирање?
Законот дава можност на волонтерот да му се надоместат трошоците за пат и храна, но ова не е задолжително. Доколку одвојат средства, тие можат да изнесуваат најмногу 15% од просечната плата во РМ исплатена за минатата година.