Волонтерството е практика на луѓе кои работат за доброто на останатите, без мотив за каква било финансиска или материјална добивка. Волонтерството, општо земено, се смета за алтруистичка активност, наменета за промовирање добро или за подобрување на квалитетот на животот.
Волонтерството претставува активност која е од интерес и за Република Македонија. Волонтерството придонесува за подобрување на квалитетот на животот со активно вклучување на луѓето во општествениот живот, решавање на проблеми од локалната заедница. Волонтерството исто така придонесува и за развој на хумано и рамноправно демократско општество.
Волонтерството е дефинирано во Закон за волонтерство кој може да го превземете на линкот подоле во овој текст. Собранието го донесе законот а 02 јули 2007 и истиот е објавен во Службен весник на РМ бр.85/2007. Заедно со Законот се донесени и подзаконските акти со кои се доуредуваат правата од Законот.
Законот за волонтерството го дефинира волонтерство како доброволно давање на лични услуги, знаења и вештини и /или вршење на други активности во корист на други лица, органи, организации и други институции, без надоместок. Под волонтерство, според овој закон, не се подразбира вршење на волонтерски стаж, согласно со Законот за работните односи каде волонтерскиот стаж се предвидува само доколку е услов за полагање на стручен испит или за самостојно вршење на дејност.
Во законот, волонтерот е физичко лице кое дава услуги, вештини и знаења во корист на други лица, органи, организации и други институции, на доброволна основа и без финасиска или друга лична добивка. Волонтер можат да бидат домашни и странски физички лице. Волонтер може да биде и малолетно лице, само доколку поседува писмена согласност од неговите родители или старатели. Од друга страна пак, странци може да волонтираат само доколку обезбедат согласност од Министерство за труд и социјана политика, како и доколку имаат регулиран престој.
Наши граѓани исто така може да волонтираат во други држави, согласно со прописите на државата во која волонтираат, како и во согласност со ратификуваните меѓународни договори.
Од друга страна пак, во Законот е дефинирано и кој може да организира волонтерски активности и волонтерска работа. Па така, како организатори на волонтерска работа може да се јави: здружение на граѓани и фондација, верска заедница или религиозна група, орган на државна власт и единица на локална самоуправа како и градот Скопје. Стопански субјекти и јавни претпријатија неможат да се јават како организатори на волонтерска работа. Организаторот на волонтерската работа е должен да ја утврди потребата од волонтери, а предвиди каков вид на услугите ќе пружат волонтерите и да изработи програма за волонтирање.
Со волонтерот, треба да се потпише и договор за волонтирање кој ќе ги има разработено во детали и наведено следните точки: договорни страни, предмет на договорот; место на волонтирање и времетраење на волонтирањето, а доколку не постои постојано место, тогаш се наведуваат само местата каде што се даваат услугите; волонтерски активности или услуги кои се обезбедуваат; посебни права и обврски; начин на осигурување за време на волонтирањето при доаѓање и враќање до местото на волонтирањето и другите активности предвидени за време на волонтирањето; однапред договорени трошоците за волонтирањето и начинот на надомест на истите; начин на престанок и раскинување на договорот за волонтирање и датум и место на склучување на договорот.