Како е да живееш со дислексија?

Интервју со наш млад сограѓанин, В.Т. ученик во средно училиште во Куманово, кој во оваа интервју сакаше да остане анонимен односно само со своите иницијали. Интервјуто е направено како дел од идејата за подигање на јавната свест за дислексијата, а во рамки на ЕРАЗМУС+ проект „Аудио учебници – Помош за младите со потешкотии во читањето и нивните наставници“ (Audio Textbooks – Help for Challenged Readers and Their Teachers) (Ref. No 2020-1-LV01-KA201-077533). 

Зошто анонимен? – Затоа што другарите не знаат што е дислексија, затоа што знаат многу чество да се задеваат со децата кои имаат некои потешкотии, па ако кажам дека имам некоја состојба и неможам да стигнам со читање на содржините… знам дека и мене ќе ме задеваат.

Дали барем стручната служба во твоето средно училиште знае за твојата состојба? Да, тие се информирани дека неможам да читам, дека имам дислексија… Мислам, да не ме сватите погрешно. Јас знам дека дислексијата е само состојба за читање, ги мешам буквите, некогаш зборовите ми се обратно напишани кога ги гледам… знам дека не сум со лице со посебни потреби, немам интелектуална потреченост, не сум глупав. Имам тешкотии во читањето. Кога бев помал, мајка ми ми помагаше многу со читање. Сега веќе послабо, бидејќи многу содржини се, многу предмети се.. Се трудам на часовите најмногу што можам да запомнам све што зборува професорот или професорката, со цел да си олеснам сам на себе.

Дали знаеш за некои алатки кои помагаат во читањето? – Знам, некогаш знам да слушам аудио книги. Среќен сум што знам англиски, па можам и многу дела да ги слушам во аудио формат. Штета што нема многу вакви содржини кај нас. Ги следам Самоглас често, имаат добра содржина. И АрсЛамина имаат интересна содржина со фонтот за дислексија.

Дали би користел некој дигитален читач за учебници за училиште доколку истите се достапни за тебе? Секако дека да. Ве следам и вас, од техничката служба ни рекоа за книгата за втора година по Претприемништво што ја работите. Се надевам дека оваа ќе ми помогне при учењето. Инаку имам користено дигитален читач за литература.

Кажи ни нешто лично за себе во поглед на дислексијата како состојба што ја имаш? Лично? Па незнам.. еве би можел да ви споделам една случка кога бев 5 одделение. Тогаш првпат требаше да се соочам со повеќе професори. Мојата учителка до тогаш, знаеше какви маки имам во поглед на читањето. Меѓутоа, во петто се повеќе професори, па не сите знаеја кој е мојот проблем. Ми се случиу еднаш професорката по македонски да ми даде задача да читам на глас. Многу тешко ми одеше и едвај го прочитав пасосот што ми бесе даден. Професорката ме нарече мрзлив што не сум научитал да читам до петто одделение. Тогаш сакав на сиот глас да и кажам дека во моите очи буквите се напишани обратно. Ама ќутев, не сакам никој да знае од моите другарчиња. Мајка ми потоа беше на училиште и мораше на секој професор поединечно да му објаснува што се слушува во мојата глава.

Што би им препорачал на младите кои се соочуваат со овој проблем? Па да истражуваат. Да бараат содржини кои се достапни за нив. Да имаат барем еден близок до нив кој ќе знае за нивниот проблем. Не да се кријат како мене… Јас се уште собирам сили да ја споделам својата состојба со своите другари и другарки. Од страв, од незнаење, од можноста да ме повредат со своите зборови.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *