Младинска размена ,,Future Flow”

Во период 12 – 20 Декември 2019, 6 волонтери од младинската организација КРЕАТОР имаа можност да земат учество на младинска размена под наслов ,,Future Flow,, во Синаиа, Романија. Оваа младинска размена имаше за цел да овозможи простор младите да научат како да изготват свое ЦВ, како да напишат мотивациско писмо и како да се подготват за работно интервју. Преку размената младите имаа можност да ги подобрат своите комуникациски вештини, да ја претстават својата земја, традиција и култура, а во исто време и да научат повеќе други култури, други земји. Еве неколку прашања за нашите волонтери и нивно видување за целото искуство во Романија.

1. Што е тоа што научивте на младинската размена во Романија?

Кристијан Тодоровски: Овој проект беше многу интересен. И реално низ различни методи на работа научивме многу. Јас би истакнал дека за мене комуникацијата со луѓе од различни земји, со различни позадини, верувања беше нешто од што најмногу научив за други култури, за други земји.

Иван Ивановски: Па ќе се надоврзам со Кристијан, и ја научив многу вештини. Сепак ќе ги истакнам работилниците за тоа како да изработам ефикасно ЦВ како едни од поинтересните. Преку размената исто така го усовршив и Англискиот јазик.

2. Како сметате дека го подобривте вашето ЦВ преку проектот?

Марта Стефановска: Самиот факт дека си активен младинец е нешто што го подобрува твоето ЦВ. Учествуваш, другаруваш, се стекнуваш со нови знаења. Преку проектот стекнав нови искуства, научив да работам во групи со различни луѓе од различна националност, ги подобрив своите тимски вештини, имавме доста презентации па сметам дека и своите презентациски вештини ги подобрив а со тоа и своето ЦВ.

Сара Милковска: Во поглед на своето ЦВ, како што спомна и Марта сметам дека се стекнавме со многу вештини кои го збогатуваат нашето искуство, а со тоа и нашето ЦВ. Ние како група организиравме национална вечер, ја претставивме Македонија а со тоа ги подобривме своите организациски способности. Научивме за тимска работа, за тоа како да го истакнеме најдоброто во своето ЦВ, научивме да работиме во групи, активно да се вклучуваме во дискусии.

3. Што сметате дека треба да подготвите за да имате едно успешно интервју за работа?

Предраг Крстевски: Една од работилниците на самиот проект беше и таа која ни даде знаења за тоа како да се подготвиме за едно успешно интервју за работа. Па така научив, дека треба добро да се запознаам со компанијата со која сакам да работам, со нејзините недостатоци и предностите, точно да знамкои се моите јаки и слаби страни и како јас се вклопувам во компанијата и нејзината визија за работа и да сум подготвен да одговорам на секое трик прашање кое ќе ми биде поставено.

Сара Милковска: За едно успешно интервју за работа сметам дека прво треба да имаме добро подготвено ЦВ кое ќе е коректно и ќе содржи една до две странички за да не бидне предолго, да сме подготвени да одговориме на сите прашања со тоа што треба претходно да се запознаеме и распрашаме за тоа работно место, да влееме доверба во работодавецот и да сме со став и сигурни во себе.

4. Може ли на кратко да го опишете проектот со ваши зборови?

Сара Пауновска: На кратко – незаборавно искуство. Оваа беше мојот прв проект, стекнав многу пријатели со кои и после проектот сум во одлични односи, го надоградив моето знаење не само во областа за ЦВ туку и во многу други полиња. Проектот беше од многу забавен карактер и имаше многу пријатна соработка помеѓу сите учесници.

Марта Стефановска: Темата на овој проект беше за нашата идна професија и како да имаме успешно завршено интервју за работа и ЦВ. Сето ова се спроведуваше преку игри и предавања кои носеа нови знаења за темата на проектот. Имавме предизвик да се подготвиме за едно интервју за работа за позиција која претходно самите си ја одбравме и кое што беше оддржано од страна на предавачите во кое имавме можност да ги покажеме нашите вештини и способности и најважно да ги поправиме грешките и научиме нешто ново.

Кристијан Тодоровски: Проектот беше многу добар, забавен, поучлив, стекнав пријатели од различни земји во светот.

5. Дали проектот ве мотивира за понатаму да учествувате во случни настани и зошто?

Предраг Крстевски: Оваа беше мојот прв проект, секако многу сум задоволен од овој проект се надевам дека ќе имам можност да одам уште на многу вакви проекти, на секој би му препорачал ако му се укаже можност да учествува во ваков проект, искуството е незаборавно.

Марта Стефановска: Овој проект ме мотивира да продолжам и понатаму да одам по вакви настани бидејќи е шанса за нас младите да се запознаваме, дружиме и воедно да учиме нови работи и стекнуваме нови искуства кои ке ни користат за понатаму.

Иван Ивановски: Да, затоа што ми беше едно ново и многу позитивно искуство, друг облик на дружење и многу прекрасни луѓе . Би сакал да имам уште многу такви искуства и сеќавања кои ќе бидат учење со премногу забава и креативно размислување.

Оваа младинска размена се реализираше во рамки на програмата Ерасмус+ на Европската Комисија.