Одобрени учебници од Министерство за образование!

Денеска добивме одобрување од страна на Министерството за образование, за користење на два официјални учебници кои се дел од наставниот процес и нивна преработка во аудио дејзи формат во рамки на проектот „Аудио книги – алатка за помош на ученици со потешкотии во читањето и дислексија“.

Во следниот период нашиот тим ќе работи на техничка обработка на две книги и нивно снимање во Аудио верзија. Се работи за учебникот по предметот „Иновации“ за 9то одделение и учебникот по предметот „Иновации и претприемништво“. Автори на овие учебници се д-р Радмил Поленаковиќ и проф.д-р Валентина Гечевска. Овие предмети се задолжителни предмети, а самиот дигитален аудио формат од нив, ќе им помогне на учениците полесно да го совладаат наставниот материјал за овие два предмета.

Преработката на учебниците во аудио дејзи формат е комплексен процес кој ќе се одвива во наредниот период. Се надеваме дека пред почетокот на следната учебна година, ќе бидеме во можност истите да ги објавиме на нашата веб страна, и да станат достапни за сите ученици кои имаат потешкотии во читањето.

Дополнително, во рамки на проектот помошни матерјали за учење за:

– предметот Биологија за прва година средно образование, тема Рбетни животни, и

– предметот Географија за прва година средно образование, тема Вселена,

ќе бидат преработени и достапни во аудио Дејзи формат.

Аудио книгите се алатка која многу помага при учењето. Преку креирање на Дејзи формат од учебниците, ние ќе им помогнеме на младите со дислексија да го совладаат учебниот материјал полесно и квалитетно. Тие ќе имаат можност во исто време да го следат учебникот и текстот, а и да го слушаат читањето претходно снимено во студио од страна на професионален наратор. Ваквиот вид учебник е помошен материјал кој обезбедува еднакви права за образование за сите млади и е во согласност со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *