Октомври – Месец на дислексија

Октомври е интернационален месец на дислексијата, состојба која е поврзана со потешкотии при читањето и разбирање на она што е прочитана односно со проблеми при интерпретацијата на визуелните симболи. Дислексијата не е болест, туку е само состојба која предизвикува потешкотии во читањето и нуди голем број на таленти и дарби. Во нашето општество сè уште постојат заблуди на оваа тема и учениците со потешкотии во читањето и дислексија често знаат да се класифицираат како ученици со посебни потреби.

Според светските статистики, од три до пет отсто од популацијата се соочува со овој проблем додека дури 20 отсто имаат одредени симптоми. Дислексијата во групата на словенски јазици достигнува од 10 до 15%, зборуваат статистиките.

Дислексијата не значи дека некој не сака да учи или не сака да чита или пак не разбира. Децата, младите кои имаат дислексија едноставно ги гледаат буквите испревртено, во некои случаи за нив текстот се изместува, а некогаш и самите зборови им изгледаат напишани обратно. Без доволно подршка и без доволно информации, уште од мали, овие ученици може да се доведат до состојба да се чувствуваат лошо, да им се намали самодовербата, да добијат чувство дека не се паметни и дека се лоши ученици. А напротив, многу големи научници, интелектуалци во светот се соочувале и соочуваат со дислексија. Еве неколку интересни имиња кои се бореле со дислексијата, а може да те поттикнат и тебе (ако се соочуваш со истата состојба) да истраеш со оваа состојба. Робин Вилијамс, познатиот актер од „Џуманџи“ имал дислексија и знаел и да се шегува со себе на сметка на неговата состојба. Алберт Ајнштајн, физичарот кој го промени светот, и кој е добитник на Нобеловата награда за физика и покрај зборовите на многумина, дека од него нема ништо да биде, тој сепак знаел да тврди дека зборовите и јазикот напишани, немаат никаква улога во неговиот ум за размислување. Бил Гејтс, Џони Деп, Џејми Оливер, Леонардо ДаВинчи, Стив Џобс…. уште колку да наброиме?

Во Македонија, потребен е систем кој на учениците со дислексија ќе им помогне со цел да го остварат својот потенцијал максимално. Во моментов постојат организации кои работат на оваа проблематика, издавачки куќи кои креираат литературна содржина со посебен фонт за дислексија на македонски јазик, со цел да им помогнат на учениците полесно читање. Кога станува збор за содржини од задолжителните наставни програми, за жал, нема книги кои се прилагодени за оваа таргет група. Проектот „Аудио книги – алатка за помош на ученици со потешкотии во читањето и дислексија“ (Audio Textbooks – Help for Challenged Readers and Their Teachers) се стреми кон достигнување на оваа цел – креирање на наставни содржини во Дејзи формат со цел овозможување на еднаков пристап до наставните содржини за сите ученици.

Во рамки на овој проект, нашата организација ги креира првите Дејзи книги, аудио формат кој овозможува целосно уживање во читањето. Повеќе на оваа тема, и во другите наши постови!

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *