Многу често младите знаат да ни постават прашање, што е тоа волонтирање и како се разликува од останатите активности како на пример праксата. Затоа еве и едно убаво објаснување во продолжение.
За да една активност да се смета дека спаѓа под волонтерска активност мора да има три клучни карактеристики: доброволност, да биде организирана за корист на други лица или заедницата (поширок јавен интерес) и да биде без надоместок за вложениот труд на оние кои учествуваат во истата. Оние кои се вклучени во активноста треба да се вклучени на доброволна база, значи да сакаат да бидат дел од таа активност. Целта на активноста мора да е насочена кон постигнување на добродет на заедницата или да помогне на други лица. И сите оние кои се вклучени не земаат надоместок за своето вклучување.
Во најширока смисла на зборот тоа значи доброволно да придонесеш за заедницата (и општеството воопшто) без за тоа да бидеш платен. На пример, како волонтер можеш да помогнеш во организирањето на некој добротворен настан, да бидеш ангажиран во организација која им помага на животните, активно да партиципираш во акцијата за прибирање облека за бездомници, да помогнеш во реализирање на активностите во општината, граѓанските организации и други непрофитни институции итн. Дополнително, сѐ ова треба да го правиш доброволно, на своја лична волја, без за тоа да очекуваш каков било надоместок.
Согласно законот, терминот “волонтер“ означува лице кое ги дава своите лични услуги, знаење и вештини, во корист на други лица, организации или институции, доброволно и без надоместок.
Меѓутоа, и не секоја работа која не е платена е волонтирање. Така на пример, практикантската работа се разликува од волонтирањето бидејќи таму целта е стекнување на практично искуство и вештини на практикантот без оглед дали има поширок јавен интерес. Поради тоа практикантството е насочено претежно кон учениците/студентите и невработените лица за разлика од волонтерството кое ги опфаќа сите структури на општеството.
Волонтерскиот стаж исто така не е волонтирање бидејќи тој е задолжителен според закон за обавување на одредени професии (лекари, адвокати и сл) па не е запазен принципот на доброволност. Истото важи и за праксата која е задолжителна за учениците и студентите во рамки на образованието. Помагањето во домашните работи дома и за поширокото семејство не се смета за волонтирање бидејќи нема поширок општествен јавен интерес.