Младинска размена – можност за искуство во странство

Младински проекти се совршен начин младите од Македонија да искусат неформално дружење, патување и волонтирање во странство, запознавање со други култури и учење на соживот. Доколку сте заинтересирани за волонтирање во странство на различни проекти слободно може да ги претражите можностите што Ерасмус+ програмата за млади на Европската Унија ви ги нуди, и да се вклучите во некој младински проект. Нашата младинска организација, КРЕАТОР, работи постојано на вакви проекти, ја промовира програмата Ерасмус+ и нуди можност младите да се стекнат со едно прекрасно искуство во некоја Европска земја.

Во периодот 22 – 29 октомври 2019 година, нашата младинска организација учествуваше на младинската размена „All about you“ имплементирана во Кварту Сант Елена vo Сардинија, Италија. На младинската размена учествуваа 30 млади од Италија, Кипар, Македонија, Шпанија, Полска и Франција.

Целта на проектот беше да им се овозможи на младите луѓе да откријат повеќе за нивниот идентитет, за да се запознаат себеси подобро и, како последица на тоа, да бидат посвесни за другите култури, да научат да толерираат и прифаќаат разлики, и да ја подобрат својата комуникација со млади од други култури.

Нашите членови, учествуваа активно во проектот и учествуваа при подготовка на два видливи резултати: прирачник со собрани интервјуа направени на тема идентитет и интеркултурна комуникација и креираа и постери за темите на проектот. Тие ги подобрија своите комуникациски вештини, научија повеќе за тоа што го сочинува идентитетот на еден човек и ја претставија македонската култура на проектот!

„Чувството да работиш во една позитивна интернационална средина, ти дава некоја дополнителна доза на самодоверба, исполнетост, мотивација… Учиш за други земји, други култури, практично живееш 8 дена со млади од други држави. Пријателства, забава, а воедно и еден уникатен начин на учење преку неформални методи за работа, придонесуваат прекрасна атмосфера во групата. Младинските размени се нешто посебно, нешто што секој треба да има можност да го искуси“ – Стефан Соколовски, лидер на нашата група и член на КРЕАТОР.

Откако се вратија назад, групата спроведе и една последователна активност во Куманово и во Скопје. Имено, тие ги пренесоа новостекнатите знаења на своите пријатели и врсници, имаа можност да направат кратки интервјуа на случајни минувачи и да поразговараат на теми поврзани со културните разлики, идентитет, дискриминација, предрасуди и стереотипи. На овој начин информацијата за Ерасмус+ се прошири и сподели со други млади.

Бидете активни, побарајте и вие некоја можност за учество на младинска размена.